Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Потврдена првостепена пресуда за полициски службеници за малтретирање во вршење на службата

Апелациониот Суд Скопје на ден 20.11.2023 година донесе пресуда со која ја потврди првостепената пресуда и ги прогласи обвинетите Т.З и А.Ш, униформирани полициски службеници вработени во СВР Велес за виновни за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата од член 143 став 1 од КЗ.

Апелациониот суд ја потврди казната изречена од страна на Кривичниот суд, алтернативна мерка-условна осуда со казна затвор од една година, доколку во период од 3 години од правосилноста на пресудата обвинетите не сторат ново кривично дело.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот Комитет за човекови права информираат дека Апелациониот Суд Скопје ја потврдил пресудата на Основниот Кривичен Суд Скопје во постапка поддржана од МЗМП во рамките на проектот- Борба со тортурата и нехуманиот третман.

По вложена жалба од страна на обвинетите, Апелациониот суд ја потврдил првостепената пресуда и донел пресуда со која полициските службеници вработени во СВР Велес ги прогласил за виновни за кривичното дело Малтретирање во вршење на службата од член 143 став 1 од КЗ.

Од изведените вербални и материјални докази во текот на доказната постапка, судот неспорно утврдил дека критичното време и место обвинетите како полициски службеници го малтретирале оштетениот А.Т заедно со сведокот В.Ф во близина на местото-Пивница. Додека седеле надвор, полициските службеници побарале од нив да се легитимираат, на што оштетениот А.Т им дофрлил дека не е добро да го замараат додека седи во друштво. По ваквата реакција обвинетите остро реагирале и го фрлиле оштетениот на земјата. Едниот полициски службеник му ја покрил главата со јакната на оштетениот и започнале да го удираат по пределот на главата и телото. Еден од полициските службеници повикал засилување, потоа што му ставиле лисици на оштетениот, а другиот полициски службеник го репетирал пиштолот додека оштетениот викал по родителите кои во меѓувреме се појавиле на настанот. Оштетениот бил одведен во полициска станица. Откако бил пуштен на слобода, оштетениот се упатил во Клинички центар и му биле констатирани нагмечувања на телото и главата како и повреди и гребнатинки по телото.

Со ваквото однесување на полициските службеници се понижува човечкото достоинство и човечката личност со што во целост е исполнето законското битие на кривичното дело кое на обвинетите му се става на товар со обвинителниот предлог.

Одржани се три рочишта на кои се сослушани во својство на сведоци оштетените, сведоци на одбраната-полициски службеници кои биле повикани на настанот, родителите на оштетениот, изведени се докази како медицинска документација итн.

Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот Комитет за човекови права ја поздравуваат одлуката на судот, особено имајќи ја во предвид неприкосновеноста на индивидуалната слобода, како што и судот истакнува во самата пресуда, односно дека при одмерување на казната особено ги зел во предвид повредата на заштитеното добро на оштетениот, а тоа се слободите и правата на оштетениот, зачестеноста на ваквиот вид на кривични дела, како и општествената опасност од вакви видови на кривични дела како отежнувачки околности.

Оштетениот е застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

Лице за контaкт: Ирена Здравкова, тел. 071 372 265, е-пошта: izdravkova@myla.org.mk  

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.