Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Тематски форум во врска со кризната состојба во КПД Идризово

На 19.07.2023 година се одржа тематски форум во врска со кризната состојба во казнено-поправната установа во Идризово, организиран од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Националниот превентивен механизам (НПМ).

Кризна состојба во казнено-поправната установа во КПД Идризово беше прогласена на 07 јуни 2023 година со одлука на Владата на дел од територијата на Република Северна Македонија, и тоа на подрачјето на Општина Гази Баба на кое Казнено-поправната установа КПД Идризово ја врши својата надлежност, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на установата. Иста одлука за утврдување на кризна состојба во траење од 30 дена е донесена од страна на Владата на 07 јули 2023 година. За причините и процесот на донесување на одлука за кризна состојба во КПД Идризово говореше директорот на Центарот за управување на кризи, Стојанче Ангелов. По излагањето следеше дискусија од присутните.

Дел од заклучоците се следните:

  • Владата да побара одобрување од Собранието за продолжување на кризната состојба, бидејќи истата веќе трае повеќе од 30 дена.
  • Државата да обезбеди финансиски средства за вработување на припадници на затворската полиција и да се вложат напори за надминување на овој проблем кој е воедно и меѓу клучните причини за прогласување на кризната состојба.
  • Во меѓувреме, покрај безбедносните закани и зајакнувањето на обезбедувањето на установата, посветено да се работи на системските долгогодишни недостатоци со кои се соочуваат пенетенцијарните установи, особено КПД Идризово како проблемите при менаџирање со установата, пристапот до здравствена заштита, пренатрупаноста, психосоцијалната заштита за осудените лица и пост-пеналната грижа.
  • Да се вложат напори за подобрувањето на условите за осудените лица во КПД Идризово кои се до степен на нехуман третман во некои крила, посебно во затвореното одделение.
  • Националниот превентивен механизам и граѓанските организации да продолжат со мониторинг на условите и третманот на осудените лица во казнено-поправните установи и да бидат вклучени и во тек со активностите преземени од страна на институциите за време на кризната состојба.
  • Државата да се осигура дека во своето постапување за време на кризна состојба ќе се почитуваат меѓународните стандарди и истото нема да е на штета на осудените лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово.

На настанот присуствуваа претставници од Канцеларијата на Постојаната Координаторка на Обединетите Нации во Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Националниот превентивен механизам, Управата за извршување на санкции и граѓанските организации.

Настанот е финансиски поддржан од Канцеларијата на Високиот Комесаријат за човекови права во РСМ и Канцеларијата на Постојаната Координаторка на Обединетите Нации во Република Северна Македонија.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.