Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

 Јавен повик за доделување грантови на граѓански организации за обезбедување на услуги од пост-пенална помош на осудени, поранешни осуденици/чки како и лица кон кои се извршуваат пробациски работи

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици “ финансиски поддржан од Европската Унија објавува: 

ЈАВЕН ПОВИК

за доделување грантови на граѓански организации за

обезбедување на услуги од пост-пенална помош на осудени, поранешни осуденици/чки како и лица спрема кои се извршуваат пробациски работи

1. За проектот

1.1. Проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осуденици” (во понатамошниот текст Проектот) е акција финансиски поддржана од Европската Унија во рамките на програмата IPA/2022/433-960согласно Договорот за грант потпишан меѓу МЗМП и ЕУ бр. (2022)4717714-28/06/2022. Проектот се спроведува во периодот од 36 месеци, а започна со имплементација применува на 1 август 2022. Проектот се спроведува од Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското пенолошко друштво и Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции ИЗБОР. Проектот вклучува воспоставување на национален сервис за поддршка и обезбедување на услуги за осудени лица, поранешно осудени лица и лица спрема кои се извршуваат пробациски работи. Услугите бидат обезбедувани од страна на организациите кои го имплементираат проектот како и од оние кои ќе бидат избрани на јавниот повик.

1.2. Општа цел на Проектот е намалување на рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивно отпуштање на слобода преку зајакнување на политиките и праксата за нивна ресоцијализација, реинтеграција и пост-пенална грижа во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди.

Посебни цели на Проектот се:

(1) Да се подобри квалитетот и достапноста на услугите за осудените лица пред отпуст како и пост-пеналната помош за поранешно осудени лица како и лицaта спрема кои се извршуваат пробациски работи со цел нивна реинтеграција и ресоцијализација;

(2) Да се зајакне капацитетот и меѓуинституционалната соработка помеѓу казнено-поправните установи, судовите, пробациските службеници, центрите за социјална заштита и другите даватели на услуги за ресоцијализација, пробација и пост-пенална заштита; 

(3) Да се подобри правната рамка и политиките за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, поранешно осудени лица како и лицaта спрема кои се извршуваат пробациски работи врз основа на истражување и најдобри практики;

1.3. Проектот опфаќа спроведување на повеќе активности групирани во три компоненти заради остварување на предвидените цели. Заради остварување на првата цел, Проектот предвидува финансиска и менторска поддршка на граѓански организации за обезбедување на услуги во локалната заедница и пошироко.

1.4. Проектот предвидува посебен пристап на обезбедување на услуги во заедницата за поддршка на осудени, поранешно осудени лица и лица под пробациски надзор во таканаречени „канцеларии на половина пат“ (Halfway offices) во три општини. Канцелариите на половина пат ќе бидат воспоставени во соработка со три општини и ќе бидат менаџирани од страна на граѓанските организации избрани на овој повик. 

1.5. Проектниот тим ќе овозможи избраните граѓанските организации да остварат соработка со секторите за ресоцијализација од казнено-поправните домови, канцелариите за пробација и центрите за социјална заштита на локално ниво.

2. Цели и приоритетни области на повикот за доделување грантови

2.1. Грантовите се наменети за проекти кои непосредно придонесуваат кон остварување на целите и резултатите на овој повик.

2.2. Општа цел на повикот е намалување на рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивно отпуштање на слобода преку зајакнување на политиките и праксата за нивна ресоцијализација, реинтеграција и пост-пенална грижа во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди.

2.3. Акциите мора да придонесат кон следниве две приоритетни области:

  1. Спроведување на активности кои ќе вклучуваат директна поддршка на осудени лица, поранешно осудени лица и лица спрема кои се извршуваат пробациски работи;
  2. Спроведување заеднички иницијативи во заедницата во соработка со релевантните институции кои работат на помош и поддршка на осудени лица, поранешно осудени лица и лица спрема кои се извршуваат пробациски работи (како пенетенцијарните установи, центрите за социјална работа, бизнис секторот, Агенцијата за вработување, граѓански организации и други даватели на социјални услуги);  

2.4. Предложените акции треба да придонесат кон остварување на следниве резултати:

  • Зајакнат капацитет на граѓанските организации и другите даватели на социјални услуги за обезбедување на помош и поддршка пред отпуст и пост-пенална помош за осудените лица, поранешно осудените лица и лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи;
  • Зголемено учество и влијание на граѓанските организации во политиките на локално ниво поврзани со реинтеграција и ресоцијализација на осудените лица, поранешно осудените лица и лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи;
  • Идентификувани и адресирани локални проблеми за намалувањена рецидивизмот;
  • Зголемена вклученост на населението во процеси на креирање политики на локално ниво поврзани со намалување на рецидивизмот;
  • Воспоставена соработка со останати граѓански организации, социјални претпријатија, мрежи за поддршка и заштита на ранливи категории на лица и други релевантни чинители за поддршка и развој на заедницата;

2.5. Проектите мора да вклучуваат активности како: 

  • Обезбедување на директна помош на поранешно осудени лицаи лица спрема кои се извршуваат пробациски работи (психосоцијална поддршка, кариерно советување, вклучување во специфични програми за лекување од зависност од дрога/алкохол, ментално растројство, итн). Дополнително во координација со МЗМП, а по одобрување од управата за извршување санкции,  организациите би обезбедувале услуги и на лица кој се наоѓаат во казнено поправните установи, а ги издржуваат последните 6 месеци од казната.
  • Воспоставување на соработката помеѓу локалните власти, центрите за социјална работа,  казнено-поправните установи, граѓанското општество, агенцијата за вработување, социјалните претпријатија кои работат на социјална инклузија на маргинализирани категории, бизнис секторот и други чинители;

Дополнително, се охрабрува вклучување и на следните активности:

  • Активности кои поттикнуваат вработување на поранешно осудени лицаи лица спрема кои се извршуваат пробациски работи;
  • Иновативни активности поврзани со иницијативи за подобрување на ефикасноста и сервисната ориентација на локалните власти со цел подобрување на реинтеграцијата и ресоцијализацијата на осудените, поранешно осудените лицаи лицата спрема кои се извршуваат пробациски работи;

Директната помош и поддршка на поранешно осудени лица и лица спрема кои се извршуваат пробациски работи ќе се обезбедува во просториите на конзорциумот од граѓански организации кои го имплементира проектот како и граѓанските органзиации кои ќе бидат избрани на јавниот повик.

2.6. Сите активности треба да бидат планирани и имплементирани согласно Пристапoт заснован на човекови права и родовата еднаквост.

3. Услови за учество на повикот

3.1. На повикот можат да се пријават граѓански организации кои ги исполнуваат следниве услови:

  • Непрофитна организација регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации во Република Северна Македонија најмалку две години пред објавувањето на овој повик;
  • Организации кои работат на локално ниво/организаци лоцирани и/или спроведуваат активности надвор од Скопје (да располагаат со капацитети и искуство во обезбедување услуги во и надвор од подрачјето каде се наоѓа седиштето на организацијата)
  • Да се директно одговорни за подготовката, управувањето и спроведувањето со проектот, а не да дејствуваат преку посредник;
  • Oрганизацијата да не користи оперативен грант од Европска Унија;
  • Да се работи за граѓански организации кои работат со ранливи категории на лица; 
  • Организацијата да располага со просторни, технички и човечки капацитети да обезбедува услуги како и со искуство во давањето на услугите

3.2. Пријавите може да бидат поднесени самостојно или заеднички со најмногу уште еден партнер. Партнерите треба да ги исполнуваат претходно наведените услови како и водечките апликанти.

3.3. Подносителот на апликација не може да достави повеќе од една апликација како апликант и повеќе од една апликација како партнер. Организацијата не може да добие повеќе од еден грант (независно дали како апликант или партнер).  

3.4. Времето за спроведување на проектот не може да биде пократко од 12 месеци и подолго од 18 месеци. Спроведувањето на грантовите треба да започне во периодот од 1 јуни 2023 до 30 ноември 2024 година.

3.5. Вкупниот фонд за поддршка е 60.000 EUR. Минималниот износ на грант е 15.000 EUR, додека максималниот е 20.000 EUR.

3.6. Обезбедување средства од други или сопствени извори (кофинансирање) за спроведување на предлог акцијата се охрабрува, но не е задолжително.

3.7. Следниве видови активноси не се подобни за поддршка во рамки на овој повик:

  • Проекти за поддршка на политички партии и активности;
  • Инфраструктурни активности; 
  • Активности за кои веќе е обезбедена поддршка од други извори;
  • Индивидуални спонзорства за учество на работилници, семинари, конференции, конгреси;
  • Индивидуални стипендии за студии или курсеви за обука;
  • Ретроактивно финансирање за проект кој е веќе спроведен или завршен;
  • Хуманитарни активности;
  • Дејствија што дискриминираат поединци или групи на лица врз основа на нивниот пол, сексуална ориентација, верски убедувања или нивното етничко потекло;
  • Финансиска поддршка на трети страни.

3.8. Трошоци за ДДВ не се признаваат. Подносителите на пријавите кои ќе бидат избрани ќе бидат обврзани да спроведуват постапка за ослободување од ДДВ.  

4. Постапка за поднесување на пријава

4.1. Пријавата за грант се состои од:

  • Образец за пријавување (Прилог 1) и
  • Образец за предлог-буџет (Прилог 2)

 4.2. Во прилог на пријавата задолжително се доставуваат и:

  • Тековна состојба од Централен регистар за апликантот и партнeрот (доколку има партнер) не постара од шест месеци;
  • Кратки биографии за персоналот кој што ќе биде вклучен во проектот;
  • Годишен наративен извештај за работа за 2022 година со опис на активности преземени за ранливи категории на лица. Организациите кои се основани во 2022 година треба да достават само информација за спроведените активности;  
  • Финансиски извештај (Биланс на приходи) за 2022 година и изјава за износот на вкупните приходи во текот на 2022 година;
  • Статут
  • Програма (или друг соодветен стратешки документ) на организацијата за 2023 година;

4.3. Пријавата треба да биде целосна, пополнета согласно упатствата дадени во  обрасците и да ги вклучува сите потребни дополнителни документи. Нецелосните пријави нема да бидат земени во предвид при оценувањето и ќе бидат отфрлени.

4.4. Целосните пријави мора да бидат поднесени во електронска форма на македонски јазик. Делот од пријавата кој има потпис и печат се доствува скениран во посебен документ. (декларациите)

4.5. Пријавите се доставуваат по електронски пат на следната адреса: contact@myla.org.mk најдоцна до 21.04.2023, 16:30 ч. Ненавремените пријави нема да бидат земени во предвид при оценувањето и ќе бидат отфрлени.

Подолу можете да ги преземете потребните документит и обрасци за доделувањето на грантови можете да најдете во документите подолу:

Повик за доделување на грантови- Ресоцијализација

Упатство за апликанти Ресоцијализација

Прилог 1- Образец за пријава- Ресоцијализација

Прилог 2 – Образец за буџет

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.