Спроведени обуки за зајакнување на капацитетите на младите правници
На 13,14 и 15 ти февруари 13 млади правници следеа обука за зајакнување на нивните способности на темите Практични правни вештини и основни етички вредности на правната професија, Сензибилизација при работа со ранливи катеории на лица и Вештини за барање на работа во правната професија.
Младите правници се здобија со практични правни вештини (интервјуирање странки/клиенти, комуникациски вештини и застапување на странки/клиенти, логично расудување и аргументирање, правно пишување, правно истражување) кои секој правник треба да ги поседува по неговото дипломирање, како и запознавање, дефинирање и утврдување на основните етички вредности на правната професија. Тие имаа можност да го утврдат познавањето на овие вештини преку нивно непосредно применување/вежбање, како би ја премостиле празнината која ја чувствуваат по дипломирањето и започнувањето со работа.
Понатаму во обуката обуката се посвети внимание на развој на вештините и компетенциите при барање работа во правната индустрија и овозможување на полесна транзиција на пазарот на трудот. Учесниците се запознаа со методите на аплицирање и барање работа и добија практично искуство за подготовка на кратка биографија и мотивациско писмо, подготовка за интервју за работа како и зајакнување на комуникациските вештини за поставување позитивен впечаток кај потенцијалниот работодавец.
Во делот од обуката посветена на сензибилизација при работа со ранливи категории на лица во опшеството (сиромашни лица, лица со попреченост, Роми, ЛГБТИ лица, жртви на насилство, деца, бегалци и мигранти итн.), се разработија концептите за сузбивање на предрасуди и стереотипи, начините на комуникација со тие лица и заштитата на човековите права од правен аспект.
Практикантите во циклус јануари – март 2023 кои ги следеа обуките праксата ја спроведуваат во следните институции : Основен суд Прилеп, Битола и Тетово, Основен кривичен суд Скопје, Уставен суд на РСМ, канцеларија на Народен правобранител во Скопје, граѓанска организација и адвокатска канцеларија.
Обуките се дел од Практикантската програма која се одвива во рамки на проектот „ Студентите по право и младите правници – Клучни агенти на промени за унапредување на човековите права и владеењето на правото“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.