Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминациjа врз основа на пол
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација врз основа на пол во областа на здравствената заштита, извршена од страна на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести. Продолжената дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.
КСЗД постапуваше по претставка поднесена од страна на Македонското здружение на млади правници поради сторување на директна продолжена дискриминација по основ на пол во областа на здравствената заштита. Имено, при хоспитализација на дете во ЈЗУ УК за детски болести Скопје, таткото е спречен во можноста да го придружува своето дете поради праксата на ЈЗУ УК за детски болести Скопје дека придружувањето на детето во текот на вечерта е дозволено само за мајката, а во случај на спреченост на мајката, истото е овозможено само за роднини на хоспитализираното дете од женски пол (баба, тетка, вујна стрина итн). Со дискриминација по основ на пол, освен таткото на малолетното дете, се соочуваат и други родители на малолетни деца кои имаат потреба од хоспитализација во ЈЗУ УК за детски болести Скопје.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побара изјаснување од страна на ЈЗУ УК за детски болести, по што ЈЗУ УК за детски болести известила дека како јавна здравствена установа располагаат со ограничен буџет, имаат ограничени ресурси и простории за работа, но постојано прават напори за да обезбедат колку што е можно подобри и посоодветни услови за заштита и грижа на здравјетo на децата. Во известувањето од ЈЗУ УК за детски болести се истакнува дека како јавна здравствена установа имаат ограничен простор на располагање па поради тоа просторните услови не дозволуваат физички односно во различни простории да се поделат децата кои се со придружник мајка и децата кои се со придружник татко. Од страна на ЈЗУ УК за детски болести исто така наведуваат дека и во ваква ситуација кога болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет, се пресоблекуваат итн. Единствена причина поради која евентуално би можело да се случи на родител-татко да не му биде дозволено да биде придружник на своето дете во нивната клиника е поради тоа што не е соодветно родители од различни полови заедно со своите деца да престојуваат во заеднички простории.
Во својата одлука, КСЗД посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја дискриминација врз која било дискриминаторска основа, вклучително и полот. Понатаму, дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите. Директна дискриминација постои кога со едно лице или со група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.
Продолжена дискриминација претставува потежок облик на дискриминација -дискриминација што е вршена врз едно лице или група непрекинато, во подолг временски период , врз дискриминаторски основи е утврден во случајот од причина што е земен во предвид и фактот дека дискриминација по ова прашање се констатирала и во 2016 година од страна на народниот правобранител и дека и покрај тоа што се дадени препораки и насоки за отстранување на дискриминацијата до Универзитетската клиника и директорите на клиниките каде што постојат детски одделенија сеуште не се спроведени.
Законот за здрваствено осигурување ја предвидува можноста детето да биде придружувано за време на долготрајна и краткотрајна болничка здравствена заштита. Имајќи ја предвид оваа одредба, законот не предвидува дека придружник може да биде само лице од женски пол, туку терминот придружник се однесува и на машки и на женски пол.
Согласно законот за здравствено осигурување, како членови на семејство на осигуреник, во смисла на овој закон се сметаат: брачниот другар и децата родени во брак, или вонбрак , посиновите, посвоените деца и децата земени на издржување. Бабата, вујната, стрината или други роднини на осигуреникот не се сметаат како членови на семејството. Право на боледување за негување на болен член на потесно семејство над три годишна возраст но не повеќе од 30 дена, избраниот лекар може да го издаде само на членови на потесното семејството на осигуреникот ( брачниот другар и децата родени во брак или вон брак, посиноците, посвоените деца и децата земени на издржување). Ова значи дека од потесно семејство се исклучуваат родителите на осигуреникот , како мајка , татко, потоа баба , дедо , внуци , свекор, свекрва па затоа за нив лекар нам право да издаде боледување за нега. Ова оди во прилог на тврдењето дека неосновано се повикуваат во својство на придружници-лица кои согласно закон не се сметаат како членови на осигуреникот.
Согласно законот за семејство, родителското право го сочинуваат правата и должностите на родителите да се грижат за личноста, правата и интересите на своите малолетни деца. Родителското право им припаѓа и на мајката и на таткото подеднакво.
Од анализата на правната рамка што се однесува на заштита на пациентот од дискриминација, КСЗД констатира дека РСМ се залага и за посебна цел ја има заштитата на правата на пациентите и елиминацијата на дискриминацијата во било која форма и интензитет кои може да се појават во оваа област.
КСЗД препорачува на ЈЗУ УК за детски болести во рок од 90 дена да ја отстрани дискриминаторската практика и да пронајде начин да овозможи услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца како и да се воздржи во иднина од презермање на дискриминаторски дејствија врз основа на пол или било која дискриминаторска основа согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Доколку лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постаока пред надлежен суд за прекршоци.