Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Известување до јавноста за поднесени препораки до надлежните институции за заштита на лицата лишени од слобода во услови на пандемија на вирусот КОВИД-19

На ден 31.03.2020 година, од страна на Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот Комитет за човекови права, до надлежните институции се поднесени заеднички препораки за спроведување на засилени мерки на заштита на лицата кои се лишени од слобода во услови на пандемија со вирусот КОВИД 19.

Преку овие препораки би сакале да ја истакнеме важноста на обезбедување на соодветен пристап до правда, правна помош и здравствена заштита на лицата кои се лишени од слобода во услови на светска здравствена криза предизвикна од ширењето на вирусот КОВИД – 19. Воедно, поттикнати од тоа дека и во нормални услови на затворениците и на лицата лишени од слобода им е отежнат пристапот до здравствена заштита, како и од последната изјава на Комитетот против тортура за третманот на лицата лишени од слобода во услови на пандемија со КОВИД 19 преку овие препораки апелираме во моменталната состојба на пандемија со КОВИД 19 да не бидат заборавени и лицата лишени од слобода

  • Изготвување на заеднички план за справување со КОВИД – 19 кој ќе се однесува на сите пенитенцијарни установи од страна на Министерството за правда и Министерството за здравство и кој ќе содржи засилени мерки и препораки за заштита на лицата лишени од слобода како и на вработените во установите.
  • Да се предвидат посебни простории во рамките на секоја казнено-поправна и воспитно поправна установа за самоизолација на лицата кои ќе покажат симптоми на КОВИД – 19.
  • Просторијата за самоизолација во сите установи во кои се лишуваат лица од слобода како и во државните карантини, мора да ги исполнува стандардите на Европскиот комитет за спречување на мачење и нечовечко или понижувачко постапување и казнување во однос на разумна големина на просторијата, природна светлина, вентилација, чист душек, ќебиња итн.
  • Надлежните во сите пенитенцијарни установи е потребно да се осигураат дека изречената мерка – самоизолација поради покажани симпроми на КОВИД – 19, лицата лишени од слобода нема да ја чувствуваат како дисциплинска казна – упатување во самица.
  • Изрекувањето на мерка – упатување во самоизолација, не смее да наликува и да се изедначи со дисциплинската казна – самица и потребно е да се овозможи лицата лишени од слобода навремено да ги пријавуваат симптомите со што ќе се постигне продуктивноста на мерката, односно спречување на ширење на вирусот врз сите лица лишени од слобода.
  • Фундаменталните права на лицата лишени од слобода како право на лекар, право на чист воздух, право на адвокат не смеат да трпат ограничувања и надлежните институции мора да направат напори да им ги обезбедат овие права. Ограничувањата за средби со фамилиите на лицата и надворешниот свет треба да биде компензирано со дозвола на лицата за користење на телефони или интернет комуникација.
  • Надлежните институции да постапат согласно член 224 од Законот за извршување на санкции и до судијата за извршување на санкции да достават предлог за прекинување на издржувањето на казната на осудени лица кои се особено ранливи на КОВИД – 19, согласно Листата на хронични болести со дијагноза кои се ослободени од работни обврски на Министерството за здравство со што според соодветна медицинска документација привремено ќе ги отпуштат осудените лица од установата во период подолг од 30 дена
  • Доколку во брзо време не може да се обезбеди судија за извршување на санкции, апелираме Управата за извршување на санкции да постапи согласно член 225 од Законот за извршување за санкции и да донесе решение за прекинување на издржувањето на казната во траење до 30 дена врз основа на став 3, односно работи предизвикани од елементарни непогоди.
  • Управата за извршување на санкции во соработка со директорите на другите установи, да достави предлог до надлежниот суд за условен отпуст на лица кои покажале резултати во пробацискиот период и ги исполнуваат законските услови се со цел намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните домови, а со тоа и спроведување на поефикасни мерки за заштита од КОВИД – 19.
  • Судиите, мерката притвор да ја користат само во исклучителни ситуации и како крајна мерка, особено поради тоа што во ваква ситуација кога се затворени државните граници, намален е ризикот од бегство на обвинетите.
  • Судиите по предлог на јавниот обвинител наместо казна затвор, за кривичните дела, каде тоа е можно, да изрекуваат алтернативни мерки – општокорисна работа, условно прекинување на водење на кривичната постапка и куќен затвор во периодот додека трае пандемијата.
  • И во услови на пандемија, судскиот систем мора да ја гарантира заштитата на човековите права и да остане функционален и ефикасен посебно кога одлучува за слободата на човекот која е неприкосновена.

Да бидеме одговорни и да покажеме дека во услови на пандемија од корона вирусот (COVID 19) на сите под еднакво ни е потребна заштита, особено на најранливите на слобода или лишени од слобода.

 

Македонско здружение на млади правници
Хелсиншки Комитет за човекови права

 

Контакт лица:

Уранија Пировска (Хелсиншки комитет за човекови права) 
E-mail: uranija.pirovska@mhc.org.mk тел: 02/3119-073
Сибел Амет (Хелсиншки комитет за човекови права)
E-mail:  Sibel.Amet@mhc.org.mk
Ирена Здравкова (Македонско здружение на млади правници) 
E-mail:  izdravkova@myla.org.mk тел: 02/3220-870

Линк до препораките во PDF формат→ Препораки до институции - МЗМП и Хелсиншки-
NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.