Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Акција за унапредена правна и институционална заштита на водите- резултати од спроведениот проект

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во периодот јуни – ноември 2022 година го спроведе проектот „Акција за унапредена правна и институционална заштита на водите“ финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Во рамки на проектот МЗМП и Министерството за животна средина и просторно планирање потпишаа Меморандум за соработка за меѓусебно поддршка во заштитата на животната средина.

Зајакнатата правна и институционална рамка за управувањето и заштитата на водите беше остварена преку 2 активности:

  1. Изготвен Правилник за техничките услови, начинот и постапката за мониторинг на водата за наводнување и Правилник за техничките услови, начинот и постапката за мониторинг на водата од одводнување на земјиште

Заради надминување на недостатокот на подзаконски акти кои произлегуваат од Законот за водите, МЗМП и Министерството за животна средина и просторно планирање- Сектор за води утврдија потреба од изготвување на конкретните подзаконски акти кои до сега не биле донесени. Заради стручно подготвување на подзаконските акти, МЗМП ангажираше два експерти од областа на управувањето и заштитата на водите.

МЗМП и ангажираните експерти одржаа четири консултативни состаноци за согледување на состојбите на терен, начинот на функционирање на системите за наводнување и одводнување и начинот на мониторинг кој се применува. Состаноците се одржаа со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за земјоделство, АД Водостопанство, Управа за хидрометеоролошки работи, Факултетот за земјоделски науки и храна, ЈП Стрежево, ЈПВ Лисиче, ХС Злетовица. На почетокот на процесот на консултативни состаноци, беше искомуницирана Управата за водостопанство во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Заради согледување и утврдување каков тип на мерни инструменти може да се постават на постоечките канали за наводнување и одводнување, МЗМП и ангажираните експерти одржаа теренски состаноци со АД Водостопанство-Подружница Кочани и Подружница Битола и спроведе теренски посети на каналите за наводнување и каналите за одводнување.

Прибраните сознанија и податоци од консултативните состаноци и теренските посети беа користени при изработувањето на нацрт текстовите на правилниците кои беа јавно објавени и за кои беше одржана јавна расправа. За да обезбеди поголемо учество на јавната расправа и поголем број граѓани да можат да ги дадат своите коментари усно на јавната расправа, истата се пренесуваше по електронски пат на платформата ZOOM. На јавната расправа беа добиени корисни коментари во насока на подобрување на текстот на правилниците. Ревидираните правилници со вклучените коментари и забелешки добиени на јавната расправа, се доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање.

  • Документ за јавни политики „Институционални капацитети на Секторот за води за управување и заштита на водите“

Извештаите на меѓународните и македонските институции во континуитет утврдуваат слаб административен капацитет на државата за спроведување на законодавството од областа на животната средина. Сфаќајќи ја сериозноста на ваквите забелешки, МЗМП спроведе анкетно истражување со вработените во Секторот за води во рамки на МЖСПП и изготви документ за јавни политики кој дефинира недостатоци главно во:

  • институционалната и организациска поставеност на Секторот за води,
  • недоволниот број вработени во Секторот за води за соодветно спроведување на законските обврски,
  • потребата од генерална ревизија на законодавството од областа на водите за утврдување на позитивниот и негативниот судир на надлежности помеѓу различни институции, но и помеѓу различни сектори во рамки на самото Министерство за животна средина и просторно планирање

Заради утврдување на предизвиците за спроведување на законодавството за заштита на животната средина на административно ниво, но утврдување на предизвиците кај инспекциските служби кои се клучна алка за обезбедување соодветна примена на законите, МЗМП организираше панел дискусија на која присуствуваа Државната секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот советник за информатички системи и технологии во Министерството за информатичко општество и администрација и Директорот на Државниот инспекторат за животна средина. Главните заклучоци кои произлегоа од панел дискусијата беа дека:

  • Нивото на искористување на фондовите на ЕУ е на ниско ниво и потребно е зајакнување на секторите и одделенијата во Министерството за животна средина и просторно планирање за да се обезбеди зголемена искористеност на овие финансиски средства
  • За разлика од генералната оценка на јавноста дека има превработена администрација, во секторот за животна средина недостасуваат административни службеници за да се обезбеди доследно спроведување на законските надлежности
  • Министерството за животна средина и просторно планирање планира да воведе е-ситем на кој ќе бидат прикачени сите дозволи кои министерството ги издава
  • Државата има соодветна развиеност на полето на информатичките системи, но потребно е да се зголеми дигиталната писменост на административните службеници, идните информатички системи да бидат компатибилни на системите кои веќе постојат, а информатичките системи да бидат користени како алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на постапките и процесите
  • Иако Државниот инспекторат за животна средина има активни огласи за инспектори кои очекувано ќе ја подобрат состојбата, инспекторатот и понатаму нема доволен број инспектори за спроведување на ефикасен инспекциски надзор
  • Државниот инспекторат за животна средина презема активности за дигитализирање на работата на инспекторите

 

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.