Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected
Untitled design 14 1

Донесен е Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство

Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство е изгласан од страна на Собранието на 17.11.2022 и е објавен во Службен весник број 247/2022 година. Истиот е предвидено да влезе во сила на 17.05.2023 година.

Законот е од големо значење за сите жртви на кривични дела со насилство бидејќи според анализите на експертската јавност истиот ќе овозможи подобра заштита за жртвата на насилство и ќе го подобри нивниот пристап до правда. Целта на законот е жртвата да може да добие надомест на штета во најрана фаза, пред постапката да биде правосилно завршена, дури и кога против сторителот не е поведена кривична постапка, освен по исклучок кога основот и висината на надоместокот не можат да се утврдат без правосилно завршена кривична постапка. Но и тогаш, законот предвидува одлуката да се донесе во рок од три месеци од денот на правосилноста на пресудата во кривичната постапка. Во секој случај паричниот надомест се обезбедува со цел да спречи можна виктимизација и секундарна виктимизација како дополнително страдање предизвикано од односот на надлежните органи.

Притоа, предуслов за остварување на правото на надоместок е кривичното дело да е евидентирано или пријавено во полиција или во јавното обвинителство за што надлежните органи се должни да издадат соодветна потврда. Законот предвидува основање Комисија како независно тело кое ќе биде надлежно да одлучува за правото и висината на надоместокот во зависност од сложеноста на случаите. Државата го задржува правото да бара регрес од сторителот или од жртвата доколку се утврди дека надоместокот е неосновано стекнат.

Досегашната пракса покажа дека и покрај законските можности за обештетување на жртвите за трговија со луѓе во кривична и граѓанска постапка истото беше неефикасно и неспроведливо во пракса. Причината за тоа се најчесто долгите постапки во кои се одлучува за имотно-правното побарување на жртвите и проблемите во однос на извршување на пресудите. И покрај донесените пресуди, жртвите не можат да бидат обештетени поради тоа што сторителите најчесто немаат имот. Извршена е само една пресуда[1] во 2021 година со која на жртва на трговија со луѓе и се доделува надоместок во износ од 300.000 денари (4.800 евра) кој е извршен од парични средства на сторителот, одземени од судот.

Како организација која долго време работи во областа на заштита на човековите права, МЗМП посветено работи во насока на зајакнување на заштитата на жртвите на кривични дела преку обезбедување на бесплатна правна помош, учество во работни групи за законски и подзаконски измени. МЗМП и во нареден период ќе дава поддршка на жртвите во остварување на нивното право на обештетување.


[1] Број на предмет KOK 20/18 од 19 04 2021

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.