Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Мериторна одлука на Апелациониот суд Скопје во врска со условен отпуст на осудено лице

Апелациониот Суд Скопје на седница одржана на ден 20.10.2022 година донесе одлука КP-102/22 со која се уважува жалбата на осуденото лице Љ.П и се преиначува решението на кривичниот совет на Основниот Кривичен суд Скопје кое гласи-се отпушта од издржување на казна затвор осуденото лице, под услов до истекот на времето за кое е изречена казна затвор да не стори кривично дело.

Со ваквото мериторно одлучување, Апелациониот Суд Скопје ја препозна потребата од почесто изрекување на алтернативните мерки кои чинат помалку од затворот, ги растоваруваат затворите, а што е најважно со нивно изрекување се избегнуваат негативните ефекти на казната затвор. Воедно, преку ваквата одлука Апелациониот суд покажа и грижа за положбата на осуденото лице и покрај тоа што отпуштањето на слобода се однесува на период од само два месеци пред истекот на казната затвор.

Судот ги зел во предвид околностите дека осудениот е татко на три деца, истиот е со нарушена здравствена состојба и воедно се грижи и за неговата сопруга која е со нарушена психичка состојба. Исто така судот ги зел во предвид и позитивните резултати што ги покажало лицето во процесот на ресоцијализација применуван во казнената установа, истиот имал примерно поведение, со изградени работни навики, работно бил ангажиран, истиот прогресирал како резултат на позитивните резултати од процесот на ресоцијализација, работните обврски уредно ги извршувал, користен погодности што не ги прекршил, дадената доверба секогаш ја оправдувал и навреме се враќал од домашно отсуство. Оттука, судот утврдил дека наведените околности укажуваат дека истиот се поправил до степен што основано може да се очекува дека на слобода добро би се однесувал и нема да врши кривични дела.

Казненоправната теорија зборува за претежно негативното дејство на казната затвор. Таа не само што нема позитивно влијание во правец на превоспитување и поправање на осудените лица, туку, напротив, произведува рецидивисти или психијатриски случаи. Заложбите на казнената политика треба да се движат во правец на почеста примена на алтернативните мерки кои добиваат се поголемо значење. Очекувањата се дека со оглед на фактот што казната ќе се извршува во заедницата, се води повеќе сметка за положбата на оштетениот, а осудениот се подложува на третман и надзор од стручни лица, што може да придонесе за значително намалување на стапката на рецидивизам. (Д-р А. Груевска, Помеѓу казната затвор и условната осуде: предности и негативни страни од непримената на алтернативните мерки и на казната затвор)

Оттука, како здруженија што работат во областа на заштита на правата на осудените лица, би сакале да ја поздравиме одлуката на Апелациониот суд Скопје и да укажеме на потребата од почеста примена на алтернативните мерки од страна на Кривичниот Суд, со одобрување и на подолг период на предвремено отпуштање на слобода, особено кога од фактичката ситуација неспорно произлегува дека лицата ги исполнуваат условите за нивно изрекување.

Предметот е воден од страна на адвокатката Татјана Донеска, во рамките на проектот „Борба против тортура и нехуман третман„ финансиран од ЕУ и во соработка со Управата за извршување на санкции.

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.