СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ- Став на МЗМП по повод донесувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека на 19.04.2018 ќе стапи во сила Законот за меѓународна и привремена заштита со што ќе престане да важи  досегашниот Закон за азил и привремена заштита.

МЗМП го поздравува донесувањето на новиот закон кој ја регулира областа на меѓународната заштита во Република Македонија и смета дека овој закон претставува значаен чекор напред кон хармонизација на македонското законодавство во оваа област со правото на ЕУ. Особено значајно е тоа што со законот се надминати дел од спорните одредби на досегашниот Закон за азил и привремена заштита кои беа донесени во 2016 година. Сепак, истовремено изразуваме загриженост за процесот на донесување на законот во кој не беа вклучени сите релевантни актери, како и за начинот на уредување на новата законска мерка ограничување на слободата на движење на барателите на право на азил.

Спорните одредби на досегашниот закон беа донесени во 2016 година и ограничија две суштински права за лицата кои изразиле потреба од меѓународна заштита во Република Македонија: правото на семејно обединување и пристапот до ефективна постапка за азил. По повод овие измени Македонското здружение на млади правници реагираше до надлежните институции со барање измените да се повлечат и беше дел од Иницијативата на Народниот правобранител за измени на законот која беше поднесена до Владата на РМ. Со новиот Закон за меѓународна и привремена заштита надмината е загриженоста која произлезе како резултат на спорните законски решенија.

МЗМП воедно ги цени како позитивни напорите за понатамошно усогласување на македонското законодавство од областа на азилот со европските директиви.

Сепак, изразуваме загриженост за една од најкрупните промени што новиот закон ја воведува, а тоа е можноста за ограничување на слободата на движење на баратели на  право на азил. Согласно новата мерка, на лицата кои побарале азил во Република Македонија и за кои во моментот се води постапка за признавање право на азил, во одредени случаи утврдени во законот може да им се ограничи слободата на движење со решение на Министерството за внатрешни работи.

Иако оваа нова законска можност е усогласена со европското право, отсуствуваат гаранциите за правата на барателите на право на азил во овие случаи кои Директивата 2013/33/ЕУ ги познава, а се однесуваат на времетраењето и условите на ограничување на слободата на движење, како и на посебните правила во однос на децата, семејствата и барателите на право на азил од женски пол.

МЗМП е на ставот дека ограничувањето на слобода на движење на барателите на право на азил треба да биде користено само како последна можна мерка и дека нејзината примена кон деца е недозволива. Во оваа насока, сметаме дека треба да бидат достапни соодветни алтернативи кои ќе обезбедат заштита на правата, достоинството и благосостојбата на овие лица. Оттука, неопходно е во законот да бидат вклучени гаранциите кои споменатата Директива ги содржи, како и дополнителни гаранции кои ќе целат кон поголема заштита на барателите на право на азил на кои ќе им биде изречена мерката ограничување на слободата на движење.

За крај, истакнуваме дека новиот закон беше донесен во еден недоволно инклузивен процес, без да биде вклучен граѓанскиот сектор кој работи во оваа област и без јавна расправа, кои се важни предуслови за носење на квалитетен закон во отворена и транспарентна атмосфера. Се надеваме дека периодот што следи ќе се искористи за сеопфатен национален дијалог во Република Македонија, преку кој ќе се идентификуваат слабостите на дел од новите законски решенија и соодветно ќе се одговори на нив, а со цел целосно исполнување на меѓународните стандарди и обврски во делот на заштитата на лицата кои бараат меѓународна заштита.