Пресуда на ЕСЧП за случајот „Љатифи против РМ“- повреда на Европската конвенција за човекови права

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) известува дека на 17 мај 2018 година, Европскиот суд за човекови права во Стразбур во предметот Љатифи против Република Македонија (бр. 19017/16) утврди дека Република Македонија сторила повреда на Европската конвенција за човекови права кога на жалителката и’ ја прекинала меѓународната заштита поради тоа што наводно таа претставувала „опасност по националната безбедност“ и ѝ наложил да ја напушти Република Македонија. Судот нашол дека со ваквата одлука на Министерството за внатрешни работи, државата ги повредила процедуралните гаранции во случај на протерување на странци гарантирани со членот 1 од Протоколот број 7 кон Конвенцијата која државата ја има ратификувано.

Во пресудата Европскиот суд за човекови права образложува дека Министерството за внатрешни работи со општа констатација тврдело дека постојат класифицирани информации обезбедени од Управата за безбедност и контраразузнавање според кои жалителката претставувала опасност по бебзбедноста во државата, без да посочи соодветни индикации за релевантите факти кои послужиле како основа за таа проценка. Сепак, тие докази никогаш не биле изведени пред судовите, ниту пак на жалителката ѝ била дадена можност да ги оспори. Европскиот суд за човекови права при своето одлучување ја зел предвид редактираната верзија на документот од УБК што Владата го доставила и забележал дека не постоеле доволно детали за поддршка на наводите дека жалителката е опасност по безбедност. Согласно тоа, Судот во Стразбур утврдил дека правата на жалителката се повредени, а одлуките кои ги донеле македонските судови биле формални и без соодветно образложение со што сторена била повреда на Конвенцијата.

Жалителката во Република Македонија живее од својата осумгодишна возраст, односно од 1999 година, кога со своето семејство избегала од Косово поради конфликтот и побарала заштита во Македонија. Оваа пресуда има огромно значење како за неа, така и за другите бегалци од Косово кои живеат во Македонија, а на кои им е прекината меѓународната заштита. Последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија нотира дека: „Одлуките за престанок на правото на азил ги погодија главно косовските бегалци, чиј статус беше прекинат по 18 години престој во земјата. Косовските Роми беа особено погодени. Во 2017 година, супсидијарната заштита беше укината во 82 случаи кои погодија 162 лица, вклучително и четири случаи врз основа на закана за националната безбедност.“.

Жалбата до Европскиот суд за човекови права беше поднесена на 1 април 2016 година, од страна на застапникот на жалителката, адвокатот Александар Гоџо, во рамки на Групата за стратешко застапување на предмети од областа на азилот која е формирана и раководена од страна на Македонското здружение на млади правници, а поддржана од преставништвото на УНХЦР (Високиот комесаријат за бегалци на ОН) во Скопје. 

Подетални информации за пресудата можете да најдете на следниот линк: Rezime- Ljatifi protiv RM