Прва правосилна пресуда која утврдува дискриминација во работен однос по основ бременост

02.11.2018 година

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека на ден 26.09.2018 година, во постапка поддржана од МЗМП во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основен суд Куманово со која се утврдува дека тужените го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и третман, односно извршиле дискриминација по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно родителство – бременост.

Тужителката, вработена во основно училиште, го повела овој спор поради дискриминаторски третман од страна на директорот на училиштето во моментот кога истата соопштила дека е бремена. Имено, тужителка, заедно со уште неколку колеги исполнувала услови за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, поради што од страна на училиштето било поднесено барање за трансформација на нивниот работен однос. Веднаш откако тужителката соопштила дека е бремена, нејзиното барање за трансформација на работен однос била повлечено, додека барањата на другите колеги не.

Првостепениот и второстепениот суд потврдиле дека со извршеното повлекување на барањето за трансформација на работниот однос на тужителката од определено во неопределено време, од причина што истата соопштила дека е бремена, тужените постапиле спротивно на член 6 и член 9б став 1 од Законот за работните односи и го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и еднаков третман, односно извршиле дискриминација.

Тужените не докажале дека разликата во третманот спрема тужителката има објективно и разумно оправдување односно дека различниот третман се заснова на објективна оцена на различни фактички околности, согласно членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и праксата на судот. 

Судот исто така ги задолжил тужените да ѝ исплатат на тужителката паричен износ од 50.000,00 денари по основ на надомест на нематеријална штета заради сторената повреда на правото на еднаквост и утврдена дискриминација по основ на бременост.

Тужителката е застапувана од адвокат Софија Бојковска од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.

 

Лице за контaкт: Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, е-пошта: jarangelovik@myla.org.mk