„Поддржи нечие право денес“- 10-ти декември, денот на човековите права

Секој 10-ти декември меѓународната заедница го одбележува денот на човековите права во сеќавање на денот кога во 1948 година беше донесена Универзалната декларација за човековите права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.

Оваа година денот на човековите права ќе биде глобално одбележан под мотото „Поддржи нечие право денес“. По тој повод, Македонското здружение на млади правници ја потенцира потребата од суштинска заштита на човековите права.web15-siteimages-feature-humanrights-1012x729-v02_0

Во нашата земја постои јаз помеѓу декларативната заштита на човековите права и она што суштински се случува во општеството. Од една страна фразата „заштита на човековите права“ се среќава во изобилиство во прописите, стратешките документи и особено во јавните изјави на претставниците на трите гранки на власта, а пак од друга страна, реалноста ни дава сосема поинаква слика.

Во Република Македонија се случуваат сериозни повреди на основните човекови слободи и права. Дискриминацијата е присутна и евидентна кон припадниците на ромската етничка заедница, ЛГБТИ заедницата, политичките неистомисленици и жените.  Лицата лишени од слобода се соочуваат со нечовечки услови во затворите и останатите институции. Последната година се покажа дека е загрижувачки и односот кон бегалаците и мигрантите кои транзитираат низ територијата на земјава.

Особено загрижува фактот што најголемиот дел од институциите кои согласно Уставот на Република Македонија се должни да ги штитат човековите права, со исклучок на Народниот правобранител, затаија. Наместо тоа, со одредени дејствија од нивна страна, институциите дополнително ја влошија состојбата со човековите права. Проблемите поврзани со независноста и непристрасноста на судството влијаеа негативно на заштитата на човековите права од страна на редовните судови. Од друга страна пак, Уставниот суд на РМ, кој исто така има надлежност да ги штити човековите права, пристапува со краен формализам и рестриктивност во постапувањето, поради што во 25 години независност само во еден единствен случај нашол повреда на човековите права.

Во колкава мера човековите права се приоритет на народните претставници говори и фактот што Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права која е воспоставена со Уставот е целосно нефункционална веќе пет години.

Надминување на бројните проблеми и подобрување на заштитата на човековите права во РМ е можна, меѓутоа нужен е консензус меѓу политичките чинители за давање целосна поддршка на институциите кои се должни да ги штитат човековите права. 

Заштитата на човековите права е ултимативна цел на која Македонското здружение на млади правници работи веќе 13 години, и тоа во сите свои програми, почнувајќи со наобразба на младите правници, со давање бесплатна правна помош, стратешко застапување, заштита од дискриминација, заштитата на правата на децата, како и заштита на правата на мигрантите и бегалците.

На овој важен ден ги охрабруваме граѓаните да ни се обратат за заедно да придонесеме кон подобра заштита на човековите права! ПОДДРЖИ НЕЧИЕ ПРАВО ДЕНЕС!