ОБУКА ЗА ПРАВНА И ПСИХОСОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ -ПОВИК ЗА АДВОКАТИ

ПОВИК ЗА АДВОКАТИ

ЗА УЧЕСТВО НА ОБУКА ЗА ПРАВНА И ПСИХОСОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ЖРТВИ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ

 

 I. За пристапот до правда на жртвите на трговија со луѓе

 

Според наодите од МЗМП, откриени се забележителен број на случаи на трговија со луѓе, а активностите на организираните криминални групи кои се занимаваат со криумчарење на мигранти и трговија со луѓе продолжуваат.[1]

Борбата против трговијата со луѓе е тесно поврзана со заштитата на човековите права. Жртвите на трговија со луѓе претставуваат особено ранлива категорија лица на кои им е неопходна заштита, поддршка и посебна грижа, како во процесот на одделување на жртвата од сторителот, така и во подоцнежните фази на рефлексија и закрепнување, ресоцијализација и реинтеграција.

Правната заштита и пристапот на правда за жртвите на трговија со луѓе е отежнат поради повеќе причини. Согласно важечкиот Кривичен законик не постојат одредби со кои се ослободуваат од одговорност жртвите кои во текот на експлоатирањето биле приморани да извршат некое кривично дело. Исто така, жртвите на трговија со луѓе, се соочуваат со проблем при остварување на правото на обештетување кои им следува како на жртви на трговија со луѓе. Дотолку повеќе, РСМ не располага со формален механизам за обештетување на возрасни жртви на трговија со луѓе од страна на државата.

II. Обука на тема „Правна и психосоцијална заштита на жртвите на трговија со луѓе“

 

Mакедонското здружение на млади правници (МЗМП), во рамките на проектот на УСАИД за заштита на бегалците и мигрантите ги поканува заинтересираните адвокати да изразат интерес за учество на обуката на тема „Правна и психосоцијална заштита на жртвите на трговија со луѓе “.

На обуката ќе се разгледа и дискутира концептот на трговија со луѓе и законското регулирање, психосоцијална заштита, како и обврската на државата за заштита на жртвите на трговија со луѓе согласно Европската Конвенција за човековите права. На овој начин, адвокатите се во можност да ги зголемат своите знаења и вештини за да обезбедат соодветна правна и психосоцијална заштита, како и застапување на жртвите на трговија со луѓе на национално ниво и пред Европскиот суд за човековите права.

Обуката ќе ја водат г-ѓа Софија Арнаудова, професорка на Филозофски факултет – Скопје и адвокат Павлина Зефиќ, двете со повеќегодишно искуство при работа со жртви на трговија со луѓе.

Обуката ќе се одржи од 27ми до 29ти ноември 2019 година (надвор од Скопје), а работниот јазик ќе биде на македонски. Трошоците во однос на организацијата, сместувањето и превозот на учесниците ќе бидат покриени од страна на МЗМП.

МЗМП ги поканува сите заинтересирани адвокати кои имаат познавање и интерес од областа на заштита на човековите права да достават свое резиме/CV на електронската адреса ashumkoska@myla.org.mk најдоцна до 21.11.2019 година. Услов за апликација е адвокатите да не посетувале некоја од обуките кои МЗМП до сега ги има организирано на оваа тема.

Поради ограничен број на учесници, изборот на адвокатите кои ќе се пријават за обуката ќе биде направен по принципот прв дојден, прв услужен.

III. За Македонското здружение на млади правници (МЗМП)

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е независна, професионална и непрофитна организација која обезбедува правна помош и стратешко застапување за заштита на човековите права. Користејќи го знаењето и иновативните капацитети на младите правници, МЗМП промовира владеење на правото и влијае врз политиките преку истражување и застапување. МЗМП се залага за општество во кое ќе се воспостави владеење на правото и луѓе кои активно се залагаат за почитување на човековите права.

Прилог:

Јавен повик за адвокати за учество на обука за правна и психосоцијална заштита на жртви на трговија со луѓе