МЗМП поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за меѓународна и привремена заштита

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 17.05.2018 година поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за меѓународна и привремена заштита. МЗМП во иницијативата ги оспори членовите 63 и 65 од Законот за кои смета дека се во спротивност со основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, а особено со правото на слобода од членот 12 од Уставот на РМ, како и дека се спротивни на владеењето на правото.

Причините поради кои МЗМП смета дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот се следните:

  1. Законот му доделува надлежност на Министерството за внатрешни работи, како орган на државната управа, да одлучува за ограничување на слободата на барателите на право на азил, наместо тоа да го прави исклучиво суд, со што ја повредува одредбата од член 12 став 2 од Уставот на РМ која гласи „Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон“;
  2. Законот не дава насока ниту пак упатува во кои закони се уредени т.н. „помалку принудни алтернативни мерки“ на кои се повикува во ставот 1 од членот 63, односно членот е нејасен, непрецизен, и не ги почитува начелата на Европскиот суд за човековите права со кои се толкува Европската конвенција за човековите права, меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на РМ со што се повредува членот 118 од Уставот на РМ и
  3. Законот непрецизно ги уредува случаите во кои може да биде ограничена слободата на движење на барателите на азил (член 63 став 1 од Законот) со што се повредува владеењето на правото, една од темелните вредности на уставниот поредок на РМ според членот 8 од Уставот. 

Следствено, МЗМП во иницијативата му предложи на Уставниот суд на РМ да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 63 и 65 од Законот за меѓународна и привремена заштита и по спроведување на постапка и јавна расправа, истите да ги поништи. 

Законот за меѓународна и привремена заштита стапи во сила на 19.04.2018 година, со што престана да важи Законот за азил и привремена заштита. Законот за прв пат ја воведе можноста за ограничување на слободата на движење на баратели на право на азил. Согласно новата мерка, на лицата кои побарале азил во Република Македонија во одредени случаи утврдени во законот може да им се ограничи слободата на движење со решение на Министерството за внатрешни работи.

Иницијативата во целост можете да ја преземете тука.