Историјат

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) има цел да го зајакне придонесот на младите правници во унапредувањето на правничката професија и остварувањето на принципот на владеење на правото. Здружението е формиранo е во 2003 година како непрофитна професионална организација на правници, со почетна идеја да го олесни и забрза професионалниот развој на младите правници од дипломирањето на правниот факултет до започнувањето кариера во некоја од правничките професии. Низ годините МЗМП прерасна во организација која активно ги штити човековите права и владеењето на правото користејќи ги капацитетите на младите правници. 

Веднаш по основањето во 2004 година, МЗМП учествуваше во подготовката на „Реформа на правната професија INDEX“во соработка со Американската адвокатска комора (европска правна иницијатива за централна и  источна Европа). Соработката со оваа организација продолжи и во следните години преку спроведување на некоклу проекти во областа на правничката професија како и околу сузбивање на корупцијата во локалната заедница.

Во 2005 година МЗМП започна успешна соработка со Советот на Европа преку организирање на напредни обуки наменети за адвокати  и правни професионалци за правната заштита на човековите права во системот на Европската конвенција за човекови права. Од 2005 до 2013 МЗМП организираше 13 обуки на кои имаат учествувано повеќе од 300 адвокати и правници.

Истата година МЗМП започнува соработка и со Организацијата за европска безбеденост и соработка (ОБСЕ) која следните неколку години ќе биде успешно ефектуирана преку организирање на обуки за Законот за кривична постапка, континуирана правна едуакција за млади правници и издавање на прирачник за адвокатски вештини за одбрана во кривичната постапка.

Во 2006 година МЗМП започна со спроведување на активности за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во соработка со Шведскиот Хелсиншки комитет и подоцна со Фондацијата отворено општество Македонија. Мониторинг на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, обуки за адвокати и правници како и правна помош во случаите кога на барателите на информации ќе им биде ускратено правото на слободен пристап до информации.

Во 2007 година МЗМП својот опсег на работа го прошири со правото на пристап до правда преку активности за донесување на квалитетен Закон за бесплатна правна помош за сиромашните граѓани. Веднаш по донесувањето на Законот во 2009 МЗМП започна со процес на следење на примената на Законот во соработка со ФООМ, СХЦ коj подоцна, во соработка и поддшка од ФООМ прерасна во проект кој се спроведува континуирано и кој опфаќа следење на примената на Законот, изработка на анализи за неговата примеан и лобирање за измена на законот, обезбедување на претходна правна помош како и промоција на правото на бесплатна правна помош. МЗМП исто така од 2011 година е и едно од овластените здруженија за обезбедување на бесплатна правна помош.

Во 2008 година МЗМП започна со спроведување на активности и од областа на правната заштита од дискриминација и нееднаков третман. Во оваа област МЗМП спроведува обуки за адвокати, израбока на анализи, стратешко водење на постапки како и промоција на механизмите за заштита од дискриминација.

Во 2009 година МЗМП во соработка со Вестминстер фондацијата за демократија ,  Меѓународната адвокатска комора и Собранието на Република Македонија го спроведе проектот „ Улогата на палраментот во одржувањето на владеењето на правото и имплементација на уставните обврски и обврските за човекови права “.

Во 2010 година МЗМП ја започнува соработката со Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации во обезбедувањето правна заштита и интеграција на бегалците, барателите на азил и лицата без документи, соработка која успешно продолжува и во следните години.

Поради својата работа МЗМП во 2012 година беше идентификувана од страна на Проектот за јакнење на судството на УСАИД како професионално здружение на правници и и беше обезбедена подршка за јакнење на капацитетот.