„Здравјето на децата чини пари” и други стории за предизвиците на граѓаните со здравствениот систем

 

lil

Здружението за заштита на правата на жените и децата „ЛИЛ“, споделува неколку приказни кои претставуваат лични искуства на граѓани кои заради нерешени одредени граѓански состојби или слаба имотна состојба се соочиле со ограничувања при остварување на своите права во здравствениот и социјалниот систем, како дел од активностите на проектот “Мониторинг и документирање на прекршените права, мобилизација на заедницата за промени во здравствениот статус на Ромите, финансиран од страна на Фондацијата Отворено Општество. 

 

Додека мајката не плати – ќе мора да ја задржиме

Голем број на припадници на ранливите групи се Роми и тие имаат секојдневни случки во кои тие  се соочуваат со предизвици кои јасно укажуваат на фактот дека постојат многу фактори кои им го оневозможуваат пристапот до многу услуги во земјава. Кога е во прашање здравството, многумина од нив, заради немање финансиски средства, мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат за да ја подмират произлезената обврска од користените здравствени услуги.

Бремена жена, мајка на две деца, со своето двегодишно дете била примена во болница и детето било хоспитализирано. Додека  лежеле во болница, персоналот од болницата бил сосема коректен и професионален во давањето на здравствените услуги, се до моментот кога мајката требала да излезе од болницата. Семејството не можело и немало финансиски средства да го исплати побарувањето од болницата. На тоа персоналот почнал да се буни, велејќи и на мајката дека за дополнителните услуги додека детето лежело во болница сите ја плаќале побараната сума и не се случило во нивната болница некој да не го плати долгот. Кревајќи раменици дека долгот мора да биде наплатен во присуство на претставник од нашата организација, зборовите како извинување кои беа упатени кон двете страни беа „додека мајката не плати – ќе мора да ја задржиме“. 

Ова е нова практика со која што нашата организација се соочи за разлика од досегашните според кои, доколку не биде наплатен долгот, не се издаваше отпусно писмо или пак се потпишуваше изјава дека лицето се обврзува во иднина да го плати долгот. Но, претпоставуваме дека тоа било така затоа што во клиниките немало празни места за нови пациенти, па оние кои останувале должници биле отпуштани согласно нивната здравствена состојба, но не и задржувани.

Се прашуваме дали задржувањето значи празно место на клиниката и немање на пациенти, или пак нова практика за изнаоѓање на начин да се наплати долгот?

 

Старателство како услов за добивање на здравствено осигурување

Џ.М. е на 53 годишна возраст и има две внучиња од нејзината ќерка, на возраст од 15 и 16 години. По бракоразводната постапка помеѓу нејзиниот зет и ќерка, децата и се доделени на мајката. Во моментот поради отсуство на мајката која веќе 2 години е надвор од земјата, децата не можат да добијат здравствено осигурување. Бабата се обратила до Центарот за социјални работи, до одделот за старателство и барала да биде назначена за старател, но ја вратиле со образложение дека најпрвин нејзината ќерка треба да се откаже од родителското право за да може таа да стане старател.

Еден од главните проблеми кои тие го имаат е немањето сопствен дом. Живеат во куќа која е отстапена од нивни блиски роднини. До пред една година оваа жена се селела од една населба во друга и живеела под кирија. На прашањето дали таа и нејзините внуци имаат матичен лекар, таа ни одговори “ Фала му на Бога, досега немав здравствени проблеми, но поради тешката финансиска состојба во која сум, не ни помислувам да одам на лекар затоа што за се треба пари. Пред две недели девојчето го болеше заб, бев приватно на забар, приватно ги земав и лековите и таа се уште е под терапија. Да имав здравствена книшка ќе беше подобро. Господе, те молам чувај не од лошо, да бидеме здрави и живи, а потоа се друго.“

Дали Господ, дали социјалниот центар и ФЗО ќе им обезбедат здравје и пристап до здравствени услуги на ова семејство- останува да видиме!

 

Здравјето на децата чини пари

Малолетното дете Џ.М. поради отоци и повраќање е хоспитализирано на Детската клиника во Скопје, оддел за хематологија како итен случај. По неколку дена состојбата на детето навидум се подобрува и детето е испишано и пуштено дома. За лекувањето, од родителите било побарано да платат партиципација во износ од 2700 денари , но поради тоа што се работи за семејство под социјален ризик, каде што и двајцата родители се невработени, истите партиципацијата не ја платиле и си заминале дома без отпусно писмо. 

За жал, наредниот ден дошло до нагло влошување на здравјето на детето и родителите повторно се обратиле на клиника. Оттаму ги информирале дека детето ќе се прими, но нема да се отвори нова историја, т.е. нема да се прават испитувања се додека не се плати партиципацијата за претходното лекување.

Родителите во очај бараат решение и финансиски средства да ја платат партиципацијата за претходното лекување со цел да не настанат дополнителни компликации по здравјето на нивното дете. Таткото се обрати во нашата организација за помош и налутено запраша „ Зарем здравјето на нашите деца треба да чини пари? Дали само тие што имаат пари можат навремено да се лекуваат?“.

 

Детски додаток или работа

Лицето А.Ш. е татко на две малолетни деца кои се запишани во основно училиште. Се работи за петчлено семејство под социјален ризик, кое живее во двособна куќа. Мајката на децата е со сериозно нарушена здравствена состојба и не е во можност да работи, а таткото работи во приватна фирма каде што платата му е 10000 ден. месечно.

Пред една година А.Ш. се обратил во Центарот за социјални работи и поднел барање за детски додаток. По неколку месеци истиот бил одбиен со образложение дека прима плата од 10000 денари, т.е. 200 ден. повеќе од предвиденото.

Кога побарал дополнителни информации за тоа зошто е одбиен и дали може да оствари некое друго право на детски додаток, му било речено дека нема право на истото и дека кога би остварувал помал приход од 10000 ден. би можел да прима детски додаток за децата.

Таткото останал зачуден и се прашува дали 10000 денари се доволни за егзистенција на едно петчлено семејство и дали треба да се откаже од работата за да прима детски додаток?

 

Македонско здружение на млади правници се бори против дискриминацијата со сите свои ресурси. Го споделуваме овие стории во обид да ја зајакнеме јавната свест за дискриминацијата во нашата земја во сите нејзини облици.