Донесена прва пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност во работните односи

Основниот суд Скопје II Скопје на ден 27.02.2018 година донесе пресуда со која утврди повредa на правото на еднаквост и сторена дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека Основниот суд Скопје II Скопје, во постапка поддржана од МЗМП во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на РМ како тужен, сторило дискриминација по основ на политичка припадност во областа на работните односи. Со пресудата се забранува преземање на дејствија од страна на тужениот со кои се врши дискриминација, се задожува да ги преземе сите потребни дејствија со кои ќе ја отстрани сторената дискриминација и да му исплати на тужителот правичен надомест за нанесената душевна болка предизвикана поради повреда на правото на еднаков третман.

Тужителот бил вработен кај тужениот. Надвор од работното место тој бил политички активен како претседател на општински под-огранок на политичка партија и бил вклучен на листата на советници на локални избори. Во текот на своето работење тужителот своите работни задачи ги извршувал непристрасно, објективно и за своето работење бил оценуван со ,,се истакнува,, и ,,задоволува,,. Тужителот добил решение за распоредување на пониска позиција иако истиот исполнувал услови за повисока позиција од причина што во меѓувреме завршил високо образование.

Истиот повел постапка за оспорување на донесеното решение за потоа единствено тужителот од сите негови колеги биде распореден времено да ги извршува работните задачи во подрачна единица на министерството надвор од градот во кој живее. Просториите каде што бил упатен тужителот да ги извршува работните задачи не биле соодветни за канцелариска работа и не располагале со соодветен простор. Народниот правобранител на РМ донел заклучок дека прераспоредувањето на тужителот не е поврзано со наводно зголемениот обем на работа, туку би можело да се поведе како вознемирување на работното место и дискриминација по политичка основа. По распоредувањето на тужителот, на неговото работно место било вработено лице со различна политичка припадност од онаа на тужителот и член на владејачката партија.

Раководното лице исто така било со различна политичка определеност од тужителот. Судот го применил член 9 од Уставот на Република Македонија,  согласно кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите; членот 32 став 2 согласно кој секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место; одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.

За поздравување е примената на членот 14 од  Европската конвенција за заштита на човековите права (Забрана на дискриминација) и член 1 од Протокол 12 (Општа забрана за дискриминација) и повикувањето на праксата на Европскиот суд за човековите права во предметот Redfearn v. the United Kingdom (Жалба бр.47335/06) каде судот одлучувал за правата на жалителот кој претрпел нееднаков третман во поглед на неговото вработување поради неговата поврзаност со политичка партија.

Свесни за постоењето на дискриминацијата по основ на политичка припадност во нашето општество, Македонското здружение на млади правници ја поздравува одлуката на судот и истакнува дека оваа пресуда е од енормно значење поради тоа што е прва првостепена пресуда каде се утврдува дискриминација по основ на политичка припадност.  Дискриминација по овој основ ја среќаваме секојдневно во работните односи во државните институции и јавните претпријатија и често се манифестира со неможност за вработување, унапредување и вреднување на трудот, како и со одбивање да се дадат работни задачи.

Тужителот е застапуван од адвокат Павлина Зефиќ од Скопје, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници.