Добиена пресуда од Вишиот управен суд- управните органи да ги обезбедуваат клучните докази по службена должност

Македонското здружение на млади правници известува дека е добиена Пресуда од Вишиот управен суд, со која се наложува на управните органи, доказите кои се од клучно значење за постапката да ги обезбедуваат по службена должност.

На ден 18.10.2017 година, Вишиот управен суд на Република Македонија постапувајќи во предмет за остварување на право на родителски додаток за трето дете, донесе Пресуда во корист на барателката, со образложение дека „органите на управата требало да се придржуваат кон основните начела на управната постапка, така што по службена должност требало да ги проверат наводите на барателкатаво однос на моментот на стекнување со македонско државјанство. Имено, во текот на постапката, наместо надлежните органи по службена должност да проверат на кој датум барателката се стекнала со државјанство, како датум на стекнување со државјанство, го земале датумот кога била издадена Потврда дека барателката има македонско државјанство, издадена по раѓањето на третото дете.

Постапувајќи по напатствијата на Вишиот управен суд, предметот е вратен до првостепениот орган, кој по обезбедување на информациите по службена должност, неспорно утврдил дека барателката стекнала државјанство на РМ во моментот на нејзиното раѓање, додека Потврдата на која претходно се повикувале само го содржела датумот на издавање на потврдата, а не датумот на упис во државјанство.  Врз основа на ова, на ден 22.05.2018 година, првостепениот орган донел Решение дека барателката ги исполнува условите за остварување на родителски додаток за трето дете, и дека на барателката ќе ѝ се исплатува месечен износ согласно Законот за заштита на децата, сметано од денот на поднесувањето на Барањето, 17.03.2015 година.

Ја поздравуваме оваа пракса на Вишиот управен суд како и постапувањето на Центарот за социјални работи со која и во пракса се потврдуваат начелата предвидени во Законот за општа управна постапка со која органите на управата се должни по службена должност да ги прибават, разгледаат и обработат информациите кои се чуваат во службената евиденција и регистрите, под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.

*****

Управните органи во постапувањето по овие предмети се должни да ги почитуваат начелата на општата управна постапка, и тоа:

  • Начелото на еднаквост, непристрасност и објективност, согласно кое Органите во управната постапка се должни да обезбедат еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи во решавањето на управните работи.
  • Начелото на сервисна ориентација, согласно кое се должни да постапуваат така што ќе им помогнат на барателите да ги остварат оние права кои законски им следуваат, доколку самите баратели не поседуваат доволно знаење за постапката;
  • Начелото на утврдување на материјална вистина – согласно кое органите треба да ги утврдат сите факти и околности што се од битно значење за правилно утврдување на фактичката состојба во управната постапка.

Она што Вишиот управен суд го направил со оваа Пресуда е  – им ги потенцирал на државните органи обврските кои ги имаат кон барателите при одлучување за остварување на нивните права, загарантирани со закон. Сметаме дека воспоставувањето на ваквата пракса на почитување на начелата на општата управна постапка, и обезбедување на докази по службена должност е од големо значење за остварување на правата и за гарантирање на правната сигурност на сите лица.