Side Area Logo
Македонско здружение на млади правници
Keep conected

Донесени две пресуди кои утврдуваат директна дискриминација

Македонското здружение на млади правници-МЗМП информира дека Основниот суд Скопје 2 Скопје донесе две пресуди со кои на тужителите делумно им се уважува тужбеното барање и се утврдува директна дискриминација.

Со првата пресуда од ден 26.05.2017 година се утврдува повторена дискриминација како потежок облик на дискриминација, повреда на правото на еднаков третман и ограничување на правото на слобода на движење односно напуштање на територијата на Република Македонија.

Судот утврдил дека образложението на граничните полицајци со кое на тужителите во два наврати не им било дозволено да ја напуштат Република Македонија не соодветствува со реалната фактичка состојба. Тужителите поседувале важечки биометриски исправи, повратни билети и сите потребни документи, а не претставувале закана за јавната политика и меѓународните односи на РМ со државите членки на ЕУ. Водејќи се од изведените материјални и вербални докази, а имајќи ги предвид одредбите од Уставот и законите во РМ, како и Протоколот 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, судот пресудил дека во случајот е извршен потежок облик на дискриминација врз основ на бојата на кожата и етничката припадност и незаконски е ограничено правото на слобода на движење.

Со втората пресуда од ден 06.07.2017 година Основниот суд Скопје 2 Скопје постапувајќи по пресудата на Апелациониот суд Скопје со која предметот е вратен на повторно одлучување, донесе пресуда со која утврдил повреда на правото на тужителката со нееднаков третман по основ на личен статус, семејна и брачна состојба односно бременост со прекинување на работниот однос на тужителката.

Судот согласно упатствата на Апелациониот суд Скопје, а имајќи ги предвид изведените докази, одредбите од важечките закони во РМ, меѓународните договори ратификувани од РМ и праксата на Европскиот суд за човекови права пресудил дека во конкретниот случај не треба да се утврди дали други лица во аналогна или релативно слична ситуација уживаат поповолен третман, поради тоа што не би можело со кого да се споредува бремената жена, а за постоење на дискриминација не е потребна никаква намера. Образложението на тужениот за причината за престанок на работниот однос е контрадикторно на изведените докази, а дополнително тужениот согласно законите на РМ не докажал дека договорот на тужителката не би бил продолжен дури и ако таа не била бремена и не доставил докази дека причината за престанок на работниот однос не била нејзината бременост.

Предметите се поддржани од Македонското здружение на млади правници.

Тужителите во постапките се застапувани од адвокат Софија Бојковска која е дел од тимот на адвокати на МЗМП.

 

NO COMMENTS

Sorry, the comment form is closed at this time.