Годишно собрание на МЗМП- ентузијазам за постојано подобрување

Вчера (15 ноември 2016) во хотелот Солун во Скопје, МЗМП одржа Годишно собрание на коешто присутствуваа вработени и членови на здружението. Во единствена колективна атмосфера, присутните имаа можност да ги следат презентациите на кандидатите за членови на Управниот одбор  и за претседател на МЗМП, како и да поставуваат прашања и да дискутираат околу предлозите и идеите на новите кандидати.

По претставувањата и сесијата прашања и одговори, следуваше гласање со кворум од 47 гласачи, членови на МЗМП. Откако се преобројаа гласовите, пристигнатите резултати открија дека за нови членови на Управниот одбор на МЗМП се избрани правничките Софија Бојковска, Ирена Здравкова, Бисера Митиќ и Маја Атанасова, на местата на досегашните членови на одборот Катерина Митреска, Лазар Сандев, Љупка Новеска Андонова и Бојан Ѓуровски.

viber-image1

На местото на досегашниот претседател на МЗМП, Мартина Смилевска Кчева, чиј мандат заврши заклучно со овој настан, се избра Зоран Дранговски, кој ги помина последниве шест години во МЗМП.

viber-image

Во своето обраќање пред колегите и членовите на МЗМП, Зоран ја истакна целта на собранието дека меѓу другото, иако можеби и најмногу: 

„…e за да се собереме и за да видиме дали сакаме да учествуваме во правен систем оптоварен од раните на транзицијата или пак да учествуваме во градење на правен систем за кој што сите имаме надеж … надежта на младиот правник што се запишува во прва година, надежта и наивниот идеализам што сме го имале сите ние во првите години се додека не сме се соочиле со шалтер или судница; надежта на чесен и квалификуван судија кој секојдневно се бори да не биде ставен во иста група со другите судии; надежта на еден млад правник кој верува дека Македонија има место и за него…”

Му честитаме на новиот претседател на МЗМП, како и на новите членки на Управниот одбор со желби да го задржат и разгорат ентузијазмот за постојано подобрување на здружението.